Кошаркарите на Милвоки Бакс започнаа бран на бојкот поради расната нееднаквост во САД, а таквиот начин на протес с е пренесе и во други спортови. Еден од тениските Мастерс турнири со кои треба полека да влеземе во завршницата на сезоната, оној во Синсинати, нема да одржи натпревари денеска.

Официјална изјава за оваа одлука беше потпишана од АТП, ВТА и Тениската федерација на САД.

„Како спорт, тенисот заеднички ќе заземе став што се спротивставува на расната нееднаквост и социјалната неправда, кои уште еднаш се во фокусот на јавноста во САД. Тениската федерација на САД, АТП и ВТА решија да го одбележат овој тежок момент со паузирање на Мастерс турнирот во Синсинати во четврток, 27 август. Натпреварите ќе продолжат во петок, 28 август“, се вели во краткото соопштение.

Ваквата мерка се смета за реакција на одлуката на јапонската тенисерка Наоми Осака да не го игра полуфиналниот натпревар на Синсинати во знак на поддршка на борбата против полициската бруталност во САД.