Нашата најдобра фудбалска репрезентација имаше успешен старт во Лигата на Нации во сегментот Ц во групата 2. Дома ја победивме Ерменија, на гости во Тбилиси одигравме 1:1 со квалитетниот состав на Грузија. Освоени се 4 бодови во директната битка со селекциите со кои ќе се бориме за првото место во групата.

За тоа како ги виде двата стартни меча одиграни по пауза од речиси десет месеци, но и за тоа што не очекува на 8 октомври, свој коментар за СПОРТМЕДИА има селекторот Игор Ангеловски.

“Како што кажав по мечот во Тбилиси, јас сум задоволен од резултатот, освоени се 4 бодови, први сме во групата, но не сум задоволен од играта. Тоа го реков и еве ќе го повторам. Македонија може многу подобро, а најдобри ќе бидеме токму на мечот што претстои, со Косово во рамите на 1/2 финалето од плеј – офот за пласман на ЕВРО 2021. Но за тоа има и причина, ние игравме строго на резултат, добро знаевме дека не сме целосно подготвени поради големата пауза поради Ковид-19. А со Грузија речиси 25 минути бевме со играч помалку. Сепак резултатите се битни, барем јас така сметам“, вели Ангеловски.

-Дали имаме амбиции за влез во Б Лигата на Нации?

„Апсолутно. Во нашата група три репрезентации имаат шанси за такво нешто, тоа се Македонија, Ерменија и Грузија. Познато е каков е бенефитот да играш во повисок ранг, и затоа покрај она што е најважно, а тоа се баражите за пласман на ЕВРО 2021, ние ќе најстојуваме да ја оствариме и оваа цел. Инаку јас сум задоволен што во Шишковски добивме опција повеќе на голот, во целот ја оправда довербата која му беше дадена. Да не заборавиме дека на овие два меча не беа во комбинација Димитриевски, Аврамовски, Хасани, Костадинов и Тричковски. Со нив на 8 октомври ќе бидеме уште посилни“.

ГО ЗАДРЖАВМЕ ТРЕНДОТ НА ПОЗИТИВНИ РЕЗУЛТАТИ

Според Ангеловски најважно за нас е што со тие 4 бода освоени со Ерменија и Грузија, ние го задржавме тој тренд на позитивни резултати во пресрет на оа што доаѓа, на бараж мечот со Косово.

„По мечот во Тбилиси на пресот кажав дека од Македонија најдоброто издание ќе го видите токму на мечот со Косово. Имаме еден месец да се подготвиме, а овие четири бода се и тоа како добра подготовка за тој натпревар. Го продолжуваме, односно го задржавме трендот на позитвни резултати што ја следи оваа селекција години наназад. Бевме први во Лигата на Нации, потоа бевме трети во квалификациите за ЕВРО 2020. Така се создава победнички дух во една селекција, со добри резултати. Ние не криеме дека мечот со Косово е приоритет над приоритетите. Сакаме поддршка, но не сакаме околу нас да се создава еуфорија. Доволно сме искусни и како играчи и како стручен штаб сега да не подлегнеме на притисокот кој е неминовен на вакви натпревари кои се од историска важност. Да, сега Косово и само Косово ќе биде во мислите, но бидете уверени дека ние ќе се подготвуваме за овој меч исто како со Италија, Шпанија или Лихтенштајн. Не смееме самите себе си да си правиме притисок. И да победиме на 8 октомври математички ништо не сме направиле, не чека и евентуалното финале со Белорусија или Грузија, но за тоа потоа. Сега мислиме само на дуелот со Косово“, изјави нашиот селектор.