По ремито со Кожуф како домаќин, инаку мечот се играше во Неготино а не во Кавадарци, веднаш фановите на Тиквеш па и фудбалско Кавадарци си помислија дека и оваа година првото место во Втората лига – исток ќе биде само сон. Играчите и стручниот штаб пред вчерашното гостување и победа над Осогово од 3:0, беа под голем притисок. Тој меч во Кочани мораше по секоја цена да се добие. И Тиквеш го доби, Христов постигна хет – трик, а тренерот Раде Цицмиловиќ покажа дека знае да се носи со притисокот.

“Одигравме одличен натпревар во Кочани со добра екипа каква што е Осогово. Задоволен сум од залагањето на моите играчи и иако бевме под голем притисок дека мора да се победи , тие покажаа карактер. Тиквеш е голем клуб, фудбалската јавност и навивачката група Лозари, 18 години чекаат Прва лига и сметам дека токму сега сме на вистинскиот пат да ја оствариме таа цел. Нема простор за паника, а ниту пак за еуфорија. Одиме чекор по чекор, од натпревар во натпревар. Има уште многу да се игра и сега веќе сме со мислите кон наредниот пртивник а тоа е Кит Го. Имаме цела недела да се подготвиме и одиме таму на три бода, како и на секој друг натпревар. Сите екипи против Тиквеш даваат максимум и добро се мотивирани. Ние имаме добар тим и секој меч за нас ќе биде како финале и тоа играчите го знаат многу добро. Во тимот има одлична хемија и за кусо време направивме доста позитивни работи. Сите кои сме во фудбалот знаеме добро дека тим не се прави за три месеци зошто во екипата ние имаме дури девет нови играчи. Сепак сега сме на вистински пат да го внесеме Тиквеш во Првата лига и во наредната сезона навивачката група Лозари, кои се наш 12-ти играч, и Кавадарци да можат да гледаат прволигашки фудбал. Секако дека и Лозари и Кавадарци го заслужуваат тоа“ изјави за СПОРТМЕДИА стратегот на кавадаречкиот второлигаш Раде Цицмиловиќ.

Инаку вчера на мечот со Осогово свое деби за првиот тим на Тиквеш имаше Никола Најдовски, кој има само 16 години и потекнува од школата на ФК Тиквеш.