Приморска дефинитивно ќе биде дел од АБА-лигата. Ова значи дека МЗТ Скопје сепак ќе остане во второлигашката јадранска лига, заедно со Работнички ќе бидат македонските претставници во ова натпреварување.

Пред само два дена се чинеше дека тимот од Аеродром 100% ќе се врати во АБА 1-лигата, челниците на Приморска им соопштиле на играчите дека се слободни поради финансиски проблеми, но токму овој потег донесе убави вести во нивниот табор. Не се дозволи овој клуб да пропадне, се најдоа пријатели кои можат да му помогнат, па местото во АБА-лига останува за нив.

„По бројните информации и шпекулации напишани во изминатите денови, сакаме да соопштиме дека Приморска продолжува со работа и ќе се натпреварува во сите лиги кои беа планирани оваа сезона. Точно е дека имавме проблеми, но во последните два дена најдовме партнери кои се заинтересирани за соработка“, се вели во соопштението на Приморска.

Останува да видиме дали АБА-лига ќе го потврди нивното место, пред се поради нестабилноста на овој клуб. МЗТ Скопје испрати барање до јадранското натпреварување, побара да биде свикано Собрание и еднаш за секогаш да се донесе одлука дали македонскиот тим ќе се врати или пак останува нестабилната Приморска.