На најпопуларната велосипедска трка Тур де Франс се случуваат разни работи, некои добри, некои лоши. Една лоша ни пристигнува од 14. етапа на популарната трка во која имаше инцидент кој за среќа без тешки последици.

Имено Боб Јунгелс, велосипедистот на Квик-степ беше удрен од амбулантно возило. На видеото јасно се гледа како велосипедистот од Луксембург вози, а покрај него поминува амбулантно возило. Возилото го удри со страничниот дел, а Јунгелс се истркала на асфалтот. За среќа велосипедистот помина само со гребаници.

„Што да правам. Се најдов на лошо место во лошо време“, изјави Јунгелс кој, сепак, ја заврши трката.

На почетокот на трката Јунгелс беше инволвиран во несреќа по која Колумбиецот Серхио Игита мораше да се откаже. Со предното тркало удри во велосипедот на Игита, а овој падна на асфалтот и ја скрши раката. И покрај повредата тој продолжи но после 30 километри повторно падна и се откажа. Јунгелс му се извини на дебитантот на ТдФ што го исфрли од натпреварувањето.