Одбојкарите на Џио Струмица двата меча од 1/16-финалето на Челинџ Купот на ЦЕВ против кипарска Омонија ќе ги играат како гости. Во договор на двата клуба, Џио Струмица се согласи да отпатува на Кипар и во периодот од 1 до 4 ноември двата меча од оваа фаза на третото по ранг ЦЕВ клупско натпреварување да ги одигра како гостин.

„Имавме коректни разговори со преставниците на Омонија и се договоривме двата меча да ги одиграме кај нив. Во оваа ситуација со коронавирусот можеби ова беше и логична одлука. Иако ќе играме двапати како гости, секако, за нас остануваат истите цели и амбиции, а тоа е да се даде максимум и да се обидеме да минеме во следната рунда“, вели Ѓорѓи Ѓоргиев, првиот човек на струмичкиот клуб.

Како подготовка за настапот во Никозија, Џио Струмица подготвува организација на силен меморијален интернационален турнир кон крајот на овој или почетокот на следниот месец. Ѓоргиев вели дека турнирот ќе се одржи само во зависност од здраствената ситуација во земјата и можноста на екипите да допатуваат во Струмица. Одлуката ќе биде донесена во следните неколку недели.