Добра вест попладнево пристигна од Кратово. Стоперот на Силекс Христијан Гроздановски, полека заздравува од повредата на долниот дел на рбетот и ќе биде во комбинација за мечот со Дрита од 2.квалификациско коло во Лигата на Европа, натпревар кој се игра на 17 септември во Скопје.

“Да, секако дека тоа е добра вест. Искрено Гроздановски е еден од нашите клучни играчи, во тандем со Драшковиќ таа стоперска линија е бедемот на тимот. Гроздановски не играше во Струга изминатиот викенд, и ние загубивме. Добро е тоа што јас ќе можам да сметам и на Гроздановски и на Горгиев, кој подолго време се жали на болки на менискусот. Значи немаме проблеми со повреди во пресрет на дуелот со Дрита во четврток на Арената во Скопје“, ни изјави Горан Симов, тренерот на Силекс, нашиот претставник во квалификациите во Лигата на Европа.