ЕХФ традиционално пред стартот на сезоната ја подготви листата на најдобрите десет екипи пред стартот на новата сезоната во Лигата на шампионите. За разлика од изминатите сезони кога новинарите на европската куќа на ракометот не му даваа големи шанси на Вардар, овој пат изненадија.

Во листата на ЕХФ, Вардар 1961 се најде на осмото место пред Мешков Брест и Нант за кого настапува Кирил Лазаров.

„Десет играчи на Вардар заминаа, додека девет пристигнаа ова лето. Ова значи дека тренерот Стевче Алушовски ќе има доста работа. Се очекува од Марко Вујин и Борко Ристовски да придонесат со своето искуство“, вели ЕХФ во објаснувањето за Вардар.

На првото место се најде Веспрем, Давид Дејвис направи одличен состав, па од нив се очекува да доминираат во Лигата на шампионите. Зад унгарскиот тим е Барселона, по што следи Кил, ПСЖ, Келце, Пик Сегед и Порто.

Вардар веќе треба да е на пат кон Брест, утре против Мешков го игра првиот меч од новата сезона во ЛШ, во која го има статусот на бранител на титулата.