Дилијан Вајт многу брзо доби шанса за реванш против Александар Поветкин. За 21 ноември е закажан нов дуел меѓу Британецот и Русинот во супертешка категорија.

На претходниот натпревар за појасот на ВБЦ во Брентвуд, Поветкин спектакуларно го нокаутира Вајт во петтата рунда. Вајт беше подобар боксер во првиот дуел по првите четири рунди. Тој двапати го испрати Поветкин на паркетот и се чинеше дека ита кон сигурна победа. Сепак, на почетокот на петтата рунда, Поветкин успеа да го отвори Вајт и да го испрати Британецот на паркетот, по што таму остана во несвест неколку секунди.

„Јас сум на седмо небо. Едвај чекам да влезам во рингот и да го победам Поветкин. Тој одлично го искористи своето искуство на првиот натпревар. Ќе бидам многу повнимателен и фокусиран на реваншот. Единствениот начин да се изедначи резултатот е да го нокаутирам“, изјавил Вајт.

Во досегашната професионална кариера, Поветкин имаше 39 борби со 36 поебиди, од кои 25 со нокаут. Вајт има скор од 27 триумфи и два пораза.