Денеска на дело ќе го видиме новиот Вардар 1961. Македонскиот тим против Мешков Брест треба да блесне во поинакво светло од оние последни два дуели на фајнл-фор завршницата во регионалното натпреварување.

Стевче Алушовски и неговите момци го имаат товарот на бранител на титулата во Лигата на шампионите, па на теренот мора да играат како шампиони и покрај тоа што многумина не веруваат во овој нов состав на „црвено-црните“, кој претрпе големи промени.

Рано е да се суди каков Вардар ќе гледаме оваа сезона, затоа пред овој меч ќе се свртиме кон статистиката и бројките. А таа вели дека двократниот освојувач на пехарот во најсилното европско клупско натпреварување има неверојатна серија на стартот.

Седум години по ред во првото коло „црвено-црните“ не знаат за пораз. Оваа низа тргна на 21.09.2013 година кога Вардар на домашен терен одигра нерешено со Барселона (29-29). Токму од оваа година до денеска, македонскиот клуб во првото коло има запишано шест победи и едно реми.

Позитивната традиција ракометарите на единствениот македонски претставник во ЛШ може да продолжи денеска (18:45 часот) против Мешков Брест на гостински терен.