Пишува: Зоран Ѓоршоски

Мирко Ивановски, некогашниот македонски репрезентативец, актуелен член на унгарскиот Диошѓер, во пресрет на дуелот Ренова – Хајдук во 2.квалификациско коло во Лигата на Европа, специјално за СПОРТМЕДИА го анализира својот некогашен тим од Сплит, каде играше во сезоната 2018/2019. Да потсетиме Ивановски тогаш на 20 официјални меча постигна пет голови.

Хајдук!? Од година во година се полош и полош. Пред две години, кога јас потпишав таму, и сега овој Хајдук е голема разлика. Овој Хајдук е далеку послаб. Сега да не повторувам што значи Хајдук за Сплит, за Далмација, тоа е светост, но и неговите фанови сега како да се навикнаа на тоа дека нивниот клуб едноставно не може да ги следи Ријека, Осијек а камоли Динамо во Хрватска. Дека нема квалитет за некој европски успех“ започнува Ивановски.

-Какви се шансите на Ренова да направи сензација?

Добро кажавте, сензација. Според мене Хајдук е име, тоа да, но Хајдук не е некој баук, Ренова треба да нападне. Најважно е да не исплашат “гипсарите“ од името на противникот. Секако дека треба да се респектира, да се почитува противникот, но никако и да се прецени. Хајдук има и тоа како слаби точки. Ако се играше двомеч тогаш ќе кажев дека Ренова нема никакви шанси, но во 90 минути се е можно. Еден пенал, еден фаул, еден кикс може да значи дека Ренова ќе направи изненадување. Треба да ја игра својата игра нашиот претставник, да одигра напаѓачки, да го зададе првиот удар. Не смее никако да се брани во текот на сите 90 минути, тоа никако. Во случај ако до 80 минута резултатот биде нерешено, тогаш треба да се биде повнимателен. Тоа што се игра на ФФМ и тоа без гледачи е добро за Ренова. Хајдук не е навикнат да игра во таков амбиент. Лично сметам дека гостите од Хрватска се фаворити, но Ренова не е без шанси, напротив“.

ЦАКТАШ, ЃУРКО, ЖАИРО…

Според Ивановски шансата на Ренова е во средниот ред и одбраната на Хајдук.

Па, да. Со заминувањето на Исмаили дефанзивата е ослабена, средниот ред не импресионира многу, но затоа нападот им е одличен. Ренова треба посебно да внимава на Цакташ, Жаиро и Ѓурко. Но, тие може да одиграат супер ако сакаат да одиграат, такви карактери се, кога им е денот, а тоа во последно време ретко се случува. Сега со новиот тренер веројатно има и нови тактики, нови прекомандувања, но факт е дека Хајдук не е баук како што реков. Ако можеше Гзира од Малта да го елиминира Хајдук, зошто па сега Ренова да не може. Верувајте дека ако тоа се случи, тоа нема да биде преголемо изненадување за Сплит, за фановите на Хајдук. Да кажам и тоа дека Хајдук е во криза во последните 4-5 години. Јасно е дека нема пари како Динамо или сега Осијек, но и тие што ги има не се распределуваат како што треба. Се продаваат најдобрите, а се купуваат играчи со сомнителен квалитет. Не се работи рационално. И затоа не можат да дојдат до голем успех во Европа, не можат да се носат со Динамо“.

АТАНАСОВ ТРЕБА ДА ПОКАЖЕ МЕНТАЛНА СИЛА

Секако на крај не заборавивме да го прашаме Ивановски каков совет би му дал на Јани Атанасов кој пред десет дена потпиша за Хајдук, а веќе го имаше своето деби, веројатно ќе настапи и на утрешниот дуел во Скопје.

Јасно е дека на Јани му посакувам се најубаво во Хајдук. Но тој треба да знае дека нема воопшто да му биде лесно. Ќе биде изложен на голем притисок, на секој тренинг, на секој меч, ќе биде под притисок и од фановите кога ќе испие кафе во кафуле на рива. Таква е таа средина, и затоа треба да биде ментално многу силен, психолошки да биде подготвен да одговори на предизвикот, Хајдук и Сплит се специфична средина, и тој тоа мора да го прифати. Од друга страна Хајдук е добар тим за трансфери во уште поголеми клубови. Јани нека одигра одлично сезона – две во Сплит и ќе види самиот колку понуди ќе има за нови трансфери“ заврши Мирко Ивановски.