Синоќа во Кавадарци како бомба одекна веста од Штип дека Брегалница, иако важеше за голем фаворит, одиграла само 1:1 со Осогово. Тоа значи дека Тиквеш по 4.коло во Втората лига – исток е првопласиран, и како лидер ќе ја дочека Брегалница следната сабота во супер – дербито на истокот.

Инаку Тиквеш вчера во Пехчево со 3:0 успеа да го победи Кит Го, и само благодарение на подобрата гол разлика за првпат оваа сезона избива на чело на табелата.

Тренерот Раде Цицмиловиќ сепак вели дека нема место за еуфорија, дека засега приоритет е куп мечот со Гостивар во среда, па после мислите ќе бидат насочени кон мечот со штипските “сини“.

“Секако дека постои задоволство од тоа што сме први, но има уште многу, многу за играње. Нема потреба од никаква еуфорија. Од друга страна Тиквеш се уште не го кажал последниот збор. За наредните мечеви ќе ги имаме на располагање Мишов и Наумчевски, значи ќе бидеме посилни. Вчера во Пехчево одигравме одличен натпревар, во текот на сите 90.минути доминиравме и јас им честитам на моите играчи на победата. Одиме од натпревар во натпревар и тоа на победа, без разлика против кого играме. Во среда игране со Гостивар во Купот, а потоа не чека дербито со Брегалница. Секој меч за нас е финале“ ни изјави Раде Цицмиловиќ, стратегот на Тиквеш под чија палка кавадарчани во последните две кола, во Кочани и Пехчево, постигнаа шест голови а не примија ниту еден, освоени се максималните шест бода.