Вечерва се одиграа три натпревари од плеј-офот на Лигата на шампионите. Интересно и ефикасно беше во Норвешка каде домашниот Молде и Ференцварош одиграа супер-интересен натпревар. Ференцварош водеше со 2:0, Молде направи пресврт 3:2, за на крајот унгарскиот тим да изедначи на 3:3.

Унгарците во еден момент водеа со 2:0 со головите на Боли и Узуни, меѓутоа Леке Џејмс во 55 минута го врати Молде во живот. Десет минути подоцна Ејкрем ја затресе мрежата на противникот за реми, додека во 83 минута Елингсен донесе пресврт 3:2, но веќе неколку минути подоцна Унгарците извлекоа реми со погодокот на Каратин од пенал откако еден играч на домашната екипа играше со рака во својот шеснаесетник. На реваншот во Будимпешта идната недела ќе биде решен патникот во групната рунда.

Ференцварош чека 25 години да заигра во групите на ЛШ, додека Молде 21 година.

На „Геламко арената“ Гент изгуби од Динамо Киев со 1:2. Водеа Украинците со голот на Суприага во 9 минута, а изедначи Клајнденст пред крајот на првото полувреме. Во вториот дел Гент остана со играч помалку и тоа го искористи Динамо кој го голот на Де Пена ја однесе победата.

А во Грција Олимпијакос славеше против  Омонија со 2:0. Матју Валбуена погоди од пенал во 69 минута, а во судиското продолжение Ел Араби го постави конечниот резултат.

Реваншите се закажани за 29 и 30 септември. На 1 октомври е ждрепката за групната фаза во елитното европско клупско натпреварување.

СИТЕ ГОЛОВИ ОД МЕЧОТ МОЛДЕ-ФЕРЕНЦВАРОШ