Нова фантастична партија на Никола Митревски во новата сезона. Македонскиот репрезентативен голман беше на ниво на задачата на дуел од Лигата на шампионите. Неговиот Порто не дозволи ново изненадување, на домашен терен го совлада Мешков Брест со 27-25 (12-9) за прва победа оваа сезона.

Репрезентативецот Митревски средбата ја заврши со 13 интервенции, од нив еден седмерец. Мартинс, Ареја и Магаљаеш запишаа по пет погодоци во победата на својот тим.

Мешков Брест влезе подобро во мечот, поведе со 2-6, но португалскиот тим брзо се врати во игра, ја презеде контролата на мечот и не му дозволи на противникот да помисли на победата.

ПСЖ предводен од Раул Гонзалез со пораз ја отвори новата сезона, на домашен терен беше совладан од Фленсбург со 28-29. Ова беше одлична ракометна пресметка, во која победникот беше решен во последните минути, а бундес-лигашот се снајде многу подобро.

Во дебито во дресот на францускиот тим, Данис Кристопанс постигна два гола.

На останатите средби во групата А, Пик Сегед не успеа да дојде до првите два бода, бес шестмина играчи отпатува на гостувањето кај Келце. Полскиот тим максимално ја искористи предноста, славеше со 26-23 (12-7) за прва радост сезонава.

Алекс Душебаев со осум гола од 11 обиди беше прво име кај Келце, на другата страна Кањелас беше фантастичен, постигна 11 погодоци од 18 обиди, но сите беа премалку за триумф.

Првиот меч на Вардар на домашен терен е одложен поради Ковид-протоколите во Норвешка, Елверум побара одложување, а ЕХФ го прифати, новиот термин на одигрување на овој меч и натаму не е познат.