Пресметката на двете прволигашки екипи со името МЗТ Скопје, очекувано заврши со победа на првиот состав, кој со 76-63 ги совлада талентите од младинскиот тим.

Тоа беше одлична можност за двајцата тренери, Ѓорѓи Кочов и Борче Даскаловски, да пробаат нови варијанти и да видат до каде се нивните играчи на десетина дена пред стартот на новата сезона.

Филип Бакоч ја искористи големата минутажа и беше најефикасен со 15 поени и седум скока, додека Феми Олуџоби постигна 14, а Дамјан Стојановски 10 поени за сениорската екипа. Леонид Тодоровски со 19, Андреј Андоновски со 14 и Лука Савичевиќ со 13 поени беа најпрецизни кај вториот тим на МЗТ.

За првиот тим поради повреди не играа Гравет и Маслинко, но се појави повратникот Адем Мекиќ.