Хамилтон се уште не може да се помири со фактот дека беше казнет со 10 секунди на Руското ГП и не успеа да остане на врвот за да ја одбележи новата победа во Ф1 шампионатот. Британецот смета дека судиите овој пат се обиделе да го спречат во новата победа.

„Прилично сум сигурен дека никој не добил две казни од по пет секунди за нешто толку смешно. Јас не загрозив никого, го правев тоа на милион стази со текот на годините и никогаш не сум бил ни испрашуван за тоа”, рече Хамилтон, за кого казната е претерана.

„Секако дека е претерана. Сепак, се очекуваше. Тие се обидуваат да ме запрат. Морам да се смирам, нема да им дадам причина да ме казнат повторно. Нашиот болид се проверува трипати, правилата се менуваат за да можат другите да ни приоѓаат и трките да бидат поинтересни”, смета Хамилтон.

На овие негови зборови, пак, реагираше еден од судиите на трката во Русија, Финецот Мика Сало, инаку исто така поранешен пилот во Ф1.

„Глупости. Тешки глупости. Се си беше кристално јасно. Направи грешки, доби казна. Тоа е тоа“, му одговори Сало.