Ракометарите на Металург, вечерва (18:45 ч.) во Швајцарија ќе го одиграат реванш мечот од последното квалификациско коло против Криенс, кој за нашиот преставник е отворена врата кон групната фаза од второто по ранг, натпреварување на ЕХФ. Во Скопје пред седум дена, Кастратовиќ и неговите момци изборија победа од 26:24 и со два гола предност допатуваа во Цирих во обид да ја одбранат позитивата и да се промовираат во еден од учесниците во главната фаза на натпреварувањето.

“Верувам во мојот тим и знам дека момците можат да одиграат многу подобро отколку што одиграа во првиот натпревар. Свесни бевме дека патникот за Лигата на Европа ќе се решава во Швајцарија.

Требаше поефективно да ја искористиме нашата добра игра во одбраната и да акумулираме поголема предност по првите 30 минути. Имавме голем број неизнудени технички грешки, кои противникот ефектно ги искористи и не дозволи да го ставиме во подредена улога. Генерално, задоволен сум од одиграното, пред сѐ во одбраната, бидејќи Кринс тактички не нѐ изненади во ниеден момент. Она што ми пречеше во овој меч е малиот број упатени шутеви од бековските позиции и тоа ќе мора да го промениме за реванш-дуелот. Верувам во овие момци и се надевам дека овие два гола ќе ги одржат будни, фокусирани и на ниво во реваншот, бидејќи пласманот во групната фаза го издигнува Металург како клуб на европско ниво, а ќе значи и нивна афирмација и презентација како играчи, кои преку мечевите во Лигата на Европа ќе можат на голема сцена да ги демонстрираат своите квалитети и можности“, вели стратегот на Металург Зоран Кастратовиќ.

Металург замина комплетен за Швајцарија и со сите сили ќе нападне на место во финалата фаза на ЛЕ.