ФИФА го суспендира доживотно претседателот на најтрофејниот парагвајски клуб Олимпија Марк Тровато поради местење на натпревари во период од 2018 до 2019 година. Тој беше прогласен за виновен и поради тоа што не соработувал со истражните органи на ФИФА, па Дисциплинската комисија одлучи да го суспендира доживотно, а исто така треба да плати и 100.000 швајцарски франци.

ФИФА не објави на кои мечеви Тровато влијаел и како го правел тоа. Информациите од Јужна Америка велат дека истрагите се за сезоните кога Олимпија ја освојувала титулата: Клаусура 2018, Апертура 2018, Клаусура 2019 и Апертура 2019 година.

Тровато исто така е на удар на јавноста поради бизнис врските со обложувачки оператор кој е спонзор на парагвајската лига. Тој може да се жали на одлуката на ФИФА.

Тровато стана член на бордот на директори на Олимпија во 2011 година, а три години подоцна беше избран за претседател откако победи на клупските избори.

Олимпија има 44 шампионски титули во Парагвај, а втор на листата е Серо Портењо со 33, додека трет Либертад со 20 титули.