Италијанската Серија А останала без преку 500 милиони евра приходи поради пандемијата на коронавирусот КОВИД-19, изјави извршниот директор Луиџи Де Серво, предупредувајќи, дека фудбалската индустрија е во тешка состојба.

За да го ограничи ширењето на КОВИД-19, Владата на Италија го отфрли предлогот да се вратат навивачи на спортските арени вклучувајќи и ограничен број на гледачи на мечевите од Серија А до една четвртина од капацитетот на стадионот.

Оваа огромна сума е поради недостатокот на приходи од натпреварите и намалувањето на спонзорските договори.

„Целиот систем е на работ на колапс“, изјави Де Серво и ја повика Владата да почне да размислува за правење на план и стратегија за враќање на гледачите на натпреварите.

Заработките на денот на натпреварите претставуваат околу 11% од вкупно 2,5 милијарди евра годишни приходи на клубовите во Серија А, чиј главен дел се состои од телевизиските права. Но, овој извор на приходи исто така се намалува бидејќи радиодифузерите ширум светот реагираат на пониски приходи од рекламирање со намалување на приходите од спонзорски договори.

Во обид да го ублажи влијанието на пандемијата врз клубовите опфатени со долгови, Серија А размислува да продаде мал дел од новоформираната компанија која се занимава со правата за преност на Лигата за наредните 10 сезони. Де Серво рече дека клубовите од Серија А ќе се состанат на 10 октомври за да ги разгледаат понудите.