Александар Васоски, стратегот на Вардар и еден од нашите најдобри тренери специјално за СПОРТМЕДИА од стручен агол го коментира мечот Македонија – Косово, кој ние го добивме со 2:1.

За разлика од најавите јас претпоставував и очекував дека Ангеловски ќе тргне со формација 3-5-2. Идеја беше со Бејтулаи да ја зајакнеме одбраната, а повеќе слобода да им се даде на Ристовски и Алиоски десно и лево. И во тоа успеа. Првиот беше творец на првиот гол, а Алиоски пак секогаш знаеше што сака. Морам да го пофалам Адеми, според мене можеби и играч на натпреварот. Вистински диригент, одзема и неколку топки во дефанзивата. Комплетен играч. Велковски одличен, со Муслиу и Бејтулаи покрај себе феноменален, се разбира ако тука не го сметаме голот на Косово.

Пандев секогаш е опасен, тој само да стои на терен е опасен, а даде вечерва се од себе. Секоја чест за него иако имаше проблеми во минатата недела, не тренираше. Тука беше и Барди, кој постојано даваше тон на акциите во нападот, имаше и неколку проигрување и опасни центаршутеви. Косово не ме изненади. Очекував ваков стил на игра од противникот кој форсира брзина, агресивност, желба да се даде максимумот. Но се виде дека Македонија на овој натпревар беше подобра, поквалитетна. Да, јасно е дека игравме во грч, важноста на натпреварот си го стори своето, но од таа 60 минута па натаму, е тогаш се виде вистинската Македонија. Секоја акција беше смислена, одлично се проигруваше, доаѓавме до шанси, можевме и требавме овој натпревар да го “заклучиме“ многу порано. Вака Косово можеше да не казни, но и ние преку Трајковски имавме колосална шанса во последните секунди. Сакам да кажам дека овој меч го добивме на искуство, квалитет, знаевме што треба да направиме и тоа го направивме. Според мене оваа репрезентација може и мора многу повеќе во Тбилиси. Таму ќе биде многу потешко. Но тогаш, се надевам, дека ќе го имаме и Елмас. Со него ќе биде многу посилни, тој има продорност, знае во секој момент што треба да прави. Сум рекол и порано, и сега ќе речам за Дијамантот – КЛАСА ИГРАЧ. На крај да кажам дека сум среќен по победата, име честитам на сите во репрезентацијата што не израдуваа и им посакувам многиу среќа во Тбилиси. Само напред МОМЦИ!“