По натпреварот Естонија – Македонија во Талин, кој заврши 3:3, стручен коментар специјално за СПОРТМЕДИА даде Мирсад Јонуз, еден од нашите најпознати тренери и екс – селектор на наша најдобра репрезентација.

Видов и добри и лоши страни. Добро е тоа што успеавме да се вратиме по оние 1:3, да освоиме бод. Мислам дека ако игравме со некоја посилна репрезентација секако дека ќе загубевме. Видете, јас не сум внатре во селекцијата за да знам некои работи. Можеби има причини за она што се случуваше во Талин, пред се тука мислам на хаосот околу тоа дали има наши заразени или нема од Ковид-19. Затоа не можам сега да детализирам. Од друга страна сметам дека селекторот Ангеловски и на овој меч требаше да почне со формацијата 3-5-2. Лошо е тоа ако го менуваш системот за три дена, немаше потреба за такво менување. Ако тоа добро беше со Косово, тогаш требаше и во Талин да си игра со таа формација. Повеќе простор ќе имаа Алиоски и Ристовски по страничните позиции. Вака со два стопери, кои ретко или никогаш не играле заедно навистина беше лошо. Вистинска промаја во одбраната. Сепак можеби мораше да игра во ваков систем 4-2-3-1 и тоа поради фактот дека имаше на располагање само два стопери, а и Ристовски беше повреден. Се случуваа чудни и смешни работи. Како тоа против Естонија на гости даваме три гола и не победуваме, како тоа од Естонија ние примаме три парчиња во нашата мрежа. Ова треба дополнително да се анализира. Јас знам дека не играа Велковски, Муслиу и Бејтулаи, но сепак не смееме да си дозволиме од една ваква Естонија да примаме три гола. За пеналот што да кажам, сега ќе се говори зошто овој или оној не шутирал. Па Трајковски секако дека сакаше најмногу да постигне гол, во некоја рака тој и добро шутираше и милиметри го делеа од погодок. Но, нели, немаше среќа, не погоди. Во секој случај да завршам. Добро е што не загубивме, добро е што и Ерменија и Грузија ремизираа па ете сега сме и натаму први. Штета, ако вечерва славевме секако дека ширум ни се отвораа портите за првото место на табелата во нашата група, вака ќе мораме да одиме по потешкиот пат“, рече Јонуз.