Вардар 1961 по пауза од месец дена ќе го одигра само вториот натпревар во Лигата на шампионите. Во СЦ „Јане Сандански“ гостува лидерот во групата, Фленсбург, кој е во голем налет, нема пораз.

За разлика од противникот „црвено-црните“ не по своја вина мораа да направат голема пауза, одиграа само еден меч на стартот на сезоната против Мешков Брест на гости, забележаа еден пораз.

„После подолго време ќе одиграме еден меч. Доаѓа Фленсбург добро познат противник, кој е во добра форма, сите знаеме како играат оваа сезона, имаат многу натпревари, во добра серија се, во добар ритам. Нам ќе ни биде тешко бидејќи немавме натпревари, ни преостанува она за што се подготвувавме да го преточиме на терен, да го покажаме најдоброто од тренинзите.

Фленсбург е незгодна екипа која има добра во транзиција, исто има и брз напад. Противникот има премногу добри и брзи играчи. Тешко е после месец дена да играш натпревар, не знаеме до каде сме, до каде ни е формата. Очекувањата се поволен резултат, играме на домашен терен првпат оваа сезона. Ни останува да се бориме и со дисциплинирана игра да извлечеме поволен резултат“, рече Гоце Георгиевски.