Горан Пандев во својот 113-ти настап синоќа против Грузија го одигра сиот меч, Грузиецот Кваратцекила постигна супер гол, Алиоски “шпарташе“ како по обичај, Николов беше борбен до максимум, но сепак Тихомир Костадинов според СПОРТМЕДИА беше играч на натпреварот меѓу Македонија и Грузија, меч кој заврши 1:1. Младиот играч за врска тие 88.минути, во финишот беше заменет со Дарко Мицевски, ги одигра на највисоко ниво. За него немаше загубена топка, постојано отворен за пас, борбен до фанатизам, без посебен респект за противникот. Едноставно играч на натпреварот. Неофицијално дознаваме дека и селекторот Игор Ангеловски по натпреварот бил презадоволен од настапот на членот на Ружомберок. Нема што, во Тихо добивме опција плус, и тоа каква опција, за во средниот ред на наредните мечеви. Не е дебитант, вчерашниот меч му беше шести во репрезентацијата, но се чини за првпат Мрме му даде целосна доверба и целосна одговорност и секако дека не погреши.

СЕКОГАШ ИМА ПРИТИСОК КОГА ИГРАШ ЗА МАКЕДОНИЈА

Тихо Костадинов, специјално за СПОРТМЕДИА даде свое мислење за синоќешниот дуел со Грузија…

Сум играл и порано како последен играч за врска, па така не ми беше проблем да се прилагодам. Натпреварот беше доста тактички и тврд, се чекаше грешка на другата страна. Сепак кога се игра за тоа прво место во групата така мора да биде. Инаку нормално е и треба да имаш притисок кога играш за репрезентацијата, кога играш за Македонија. Јас знам дека од нас се очекува многу и се надевам дека ќе го оствариме зацртаното наредниот месец, а тоа е пласман на ЕВРО 2020. Грузија е доста тежок противник, имаат одлични играчи и одличен селектор, кој има направено големи резултати со репрезентацијата на Словачка водејќи ги на ЕП. Секако дека Македонија може подобро. Само да бидеме комплетни на 12 ноември во Тбилиси, сигурен сум дека ќе одиграме многу подобро и дека ние ќе бидеме тие кои ќе се пласираат на ЕВРО 2020“ заврши Костадинов.