Новото засилување на Наполи Виктор Осимен го постигна првиот гол за италијанскиот тим во Серија А. Тој го реализираше четвртиот гол за Наполи во победата над Аталанта со 4:1, а потоа крена маичка на која имаше испишано порака.

Тоа беше порака за поддршка на движење во родната Нигерија повикувајќи да запре полициската бруталност.

Илјадници млади Нигеријци неколку денови протестираат на улиците во неколку градови на западноафриканската држава барајќи од претседателот итно распуштање на полициската единица САРС, единица специјализирана за големи злосторства што ги обвинија за изнуда, незаконско притворање, тортура, па дури и убиствo.