Денеска во Струга, екипата на Струга Трим Лум во рамките од 9.коло во ПМФЛ, со почеток од 14:30 часот ја дочекува Беласица. Иако според квалитетот, досегашните игри и резултати во изминатите кола, се разбира и според местата на табелата, Струга Трим Лум е апсолутен фаворит на денешниот меч со Беласица, сепак фудбал е тоа. Ништо не се знае предвреме, посебно ако се однесува за екипа како што се струмичани.

Дека стружани сепак не ги очекува лесен натпревар, се сложува и тренерот на екипата Срѓан Захариевски.

“Не, никако. Нема шанси да ја потцениме Беласица. Јас имав можност да ги гледам струмичани со Вардар и Ренова и сметам дека станува збор за сериозен тим, кој очекувам да ни зададе проблеми. Според мене Беласица не заслужува да има само еден бод. Токму затоа ние целата двонеделна пауза ја искористивме да се подготвиме за овој натпревар. Нема опуштање, тоа никако. И на овој меч, како и на сите останати, ние одиме на победа, тука нема дилеми, но мораме да бидеме максимално сконцентрирани и внимателни“ изјави за СПОРТМЕДИА стратегот Срѓан Захариевски.