Ливерпул и Манчестер Јунајтед, наводно, водат разговори околу приклучувањето кон новoто фудбалско натпреварување поддржано од ФИФА, кое може драматично да ја преобликува иднината на континенталните натпреварувања во Европа кои се под капата на УЕФА. Новото натпреварување кое се подготвува во тајност се нарекува „Европска Премиер лига“.

Според информација на американската мрежа НБС Спорт, поткрепена и од британски Скај Спортс, 18 екипи од цела Европа ќе бидат вклучени во натпреварувањето зад кое финансиски во целост ќе застане американската мултинационална инвестициска банка и холдинг компанија, ЏП Морган, која обезбедила пакет за финансирање од 6 милијарди долари.

Исто така е соопштено дека Арсенал, Челзи, Манчестер Сити и Тотенхем евентуално може да се приклучат на ова натпреварување, што јасно би било голем конкурент на постоечката Лигата на шампиони на УЕФА.

Најавите велат дека овој турнир може да се појави на фудбалската карта веќе од 2022 година. Повеќе од десетина екипи од Англија, Франција, Германија, Италија и Шпанија се во преговори околу тоа да станат основачи на ова натпреварување. Изворите велат дека ФИФА била вклучена во развојот на новиот формат, што се очекува да опфати до 18 екипи и да вклучува термини за време на регуларната европска сезона.