Металург со пораз се враќа од гостувањето во Тулуз во рамките на првиот натпревар во европската лига. Ракометарите на македонскиот тим имаа добри моменти, но и големи проблеми со транзицијата на противникот, нешто за што предупреди и стратегот Зоран Кастратовиќ. Но, ова е прв меч, ако се суди според дел од играта, тимот од Автокоманда имаше што да покаже.

„Му честитам на противникот за победата. Ние дојдовме по добар резултат, знаевме дека ќе бидат без плејмејкерот од Холандија. Но, не успаевме во тоа поради лошото ниво на концентрација. Имавме проблеми во одбраната, загубивме многу топки, не ја сопремвме нивната транзиција. Нашата одбрана 6-0 не беше добра денес како на претходните натпревари. Би сакал да му честитам на мојот тим за енергијата на овој меч, кој, за жал, го загубивме. Ама имаме уште девет натпревари во Европската лига да играме подобро“, рече Кастратовиќ по мечот.

И голманот на Металург, Даниел Дупјачанец размислува слично како својот стратег.

„Најпрво, би сакал да му честитам на Тулуз за победата, беа подобри од нас и одиграа добро во одбраната. Се согласувам со мојот тренер дека мора да работиме во дефанзивата. Промашивме многу напади, бројот на фаули беше низок, можеби тоа беше причината за поразот. Но, како што кажав претходно, во групната фаза на оваа Европска лига сме да се подобриме како тим. Мора да анализираме нашите грешки, и да најдеме начин како да ги намалиме истите“, изјави Дупјачанец, кој мечот го заврши со девет одбрани.