Попладнево од 14:30 часот, во рамките на 10. коло во градот под Шара се игра мечот меѓу Шкендија и Работнички. Исклучително значаен меч и за двете екипи. На тетовци им одговара само победа ако сакаат да се вратат на првото место на табелата, а Работнички мора конечно веќе да почне да победува, во спротивно ситуацијата ќе биде критична. Секако дека Шкендија е фаворит, има подобар тим, игра во подобра форма, но игра и дома. Сепак, интересно е тоа што токму Работнички е тимот кој последен ја победил Шкендија на нејзин терен во ПМФЛ. Тоа се случи на 11 март оваа година, во последното коло пред да се прекине сезоната. Шкендија потоа дома играше со Струга ТЛ, Борец, А. Пандев и Силекс, и има две победи и две ремија.

Значи тетовци не се така супериорни кога играат дома. Треба да се каже дека само Шкендија сезонава нема пораз.

Кога сме кај традицијата истата е апсолутно на страната на Шкендија. Досега овие две екипи одиграле 59 официјални натпревари. Тетовци имаат 30 победи, 11 меча завршиле без победник, а Работнички има само 18 триумфи. Гол разликата е 94:82 во корист на Шкендија.