Легендата на холандскиот фудбал, Марко ван Бастен, смета дека неговиот сонародник Дони ван де Бек требаше да размисли подобро за својата иднина пред да потпише со Манчестер Јунајтед .

23-годишниот Ван де Бек се пресели на „Олд Трафорд“ во последниот преоден рок за сума од 40 милиони евра, но досега не започна ниту еден натпревар како стартер во Премиер лигата или Лигата на шампионите. Тој забележа само два натпревари во почетните единаесет и само на натпреварите од Лига купот.

Во саботата, тој дури и не влезе во игра во ремито 0-0 со Челзи во шестото коло од Премиер лигата и тоа предизвика сериозни коментари за неговата иднина во клубот.

„Дони не мораше да оди во Јунајтед. Секој играч сака да игра секоја недела. Знам дека сега добива многу повеќе отколку порано. Но, кога си играч на толку високо ниво, треба да ги земеш предвид шансите да играш секоја недела. Дони мораше да чека подобри можности и да потпише со друг клуб , прокоментира Ван Бастен за холандскиот ТВ канал„ Зиго Спорт “.