И покрај тоа што е прв на табелата, и покрај тоа што убедливо има најквалитетен тим во Втората лига – запад, секако и амбициите следната сезона да игра во елитата, се чини дека има големи шанси проектот наречен – Гостивар во Прва Лига, како што дознаваме да пропадне. Причината е, како што се шпекулира во домашната фудбалска јавност, но и како што се говори на големо во гостиварска фудбалска чаршија, беспарицата. Односно долгот кон играчите кои оваа сезона ја започнаа според очекуваното, играат добро и победуваат и затоа се први. Секако дека тука не го сметаме оној неочекуван пораз од Кадино со 3:0 во саботата на гости.

Навистина интересно, но од друга страна несфатливо. Имено во летниот преоден рок клубот се засили со екстра играчи, но по кусо време се смени раководството на клубот. Веројатно и затоа, откако не беше исплатен на време, барем такви се шпекулациите, од клубот си замина Марко Јовановски, еден од нашите најдобри голмани и тоа по само две одиграни средби во дресот на Гостивар.

Дознаваме дека клубот има проблеми со навремената исплата на играчите, а кога е така, и ако е така, тогаш јасно е зошто се случи онаа катастрофа во Кадино.

И на крај да кажеме дека, барем така се говори, дел од играчите на Гостивар, по мечот со Кадино, вопшто не се појавиле на тренинзите на екипата. Чекаат потег на раководството на клубот.

Навистина штета. Гостивар како град секако дека заслужува да има стабилен прволигаш, посебно ако во екипата има навистина играчи со прволигашки квалитет.