Пишува: Зоран Ѓоршоски

 

Пред еден месец, поточно по поразот во Струга од Трим Лум, на клупата на Шкупи дојде до промена, па така место Муарем Бајрами се врати Умит Каран. Тогаш турскиот стратег порача дека тимот под негово водство оди по титулата. Дека Шкупи има шампионски тим и дека се ќе се стори пехарот по речиси 20 години да се врати на Чаир. Во јавноста овие негови зборови беа сфатени со доза на скепса, да не кажеме на потсмев. Се знае дека и оваа сезона Шкендија важи за апсолутен фаворит.

И Каран тргна, три меча, три победи и тоа без примен гол. Борец, Академија Пандев и Силекс. Тоа се тие три победи на Каран, односно на Шкупи.

Тоа се тие девет бодови, а Шкендија освои само пет во последните три кола и затоа сега и двете екипи имаат по 22 и се на делба на првото место.

Нема дилеми дека Шкупи и испрати жестока порака на Шкендија, дека тетовци од нив треба да стравуваат и тоа како да стравуваат. Шкендија вчера на дербито со Работнички беше солидна, но токму “романтичарите“ кои одиграа добар натпревар, покажаа како треба со четата на Ернест Ѓока, дека тој тим и тоа како има слабости.  А Шкендија и Шкупи во Тетово играат веќе на 7 ноември.

ВО ПМФЛ ПОСЛЕДНИТЕ СЕКУНДИ СЕ НАЈИНТЕРЕСНИ

Звучи како правило или еден вид на традиција, но кај нас во ПМФЛ сезонава во секое коло се случува токму во последните секунди од мечевите да биде најинтересно. Токму затоа фудбалот е интересен, но не е само по убаво, по голови, по пресврти. А Вардар и натаму губи бодови во судиското продолжение. Малку им беше на вардарци оној кикс во Битола, па вчера го “репризираа“ и со Ренова. Да водиш со 2:0 и 3:1, и на крај, во последната секунда да загубиш два драгоцени бодови, е тоа го можат само “пацери“. За Ренова секоја чест, не се предаде и кога беше најтешко. Играше на гол повеќе, и затоа тие 3:3 на Арената.

Во Битола пак Струга Трим Лум заслужи три бода, и тоа како. Водеше до последните секунди, но битолчани се спасија, а имаше тука и судиски превиди. Факт е дека гостите беа оштетени, токму затоа таа нивна жестока реакција. Постигнаа три гола а два им ги поништија.

За судењето во некоја друга прилика, а сега за тие што бараат по секоја цена ВАР. Па и со ВАР – системот не е се идеално. Погледнете какви бурлески се случуваат во Италија кога игра Јуве, во Шпанија кога играат Реал и Барса, а во последно време и во Премиерлигата. Секој судија греши, но да не биде намерно.

Тоа е старото наше фудбалско правило.