Европската фудбалска федерација (УЕФА) спроведе 61.859 тестови за КОВИД-19 од 5 август до 15 октомври, а само 340 тестови, што е 0,55%, биле позитивни, со што фудбалот стана една од најбезбедните средини во светот, објави европската куча на фудбалот.

Во тој период се одиграни 526 натпревари во десет натпреварувања на УЕФА (Лига на шампиони, Лига Европа, Лига на шампиони за жени, јуниорска Лига на шампиони, Супер куп, футсал Лига на шампиони, Лига на нации, плеј-оф за Евро 2020, квалификации за У-21 и ЕУРО за жени), а само 3% од натпреварите беа откажани поради коронавирусот.

„Протоколот што го воспоставивме е робусен и гарантира безбедност на сите инволвирани, дури и во овие тешки моменти кога пандемијата напредува низ целиот континент“, вели претседателот на УЕФА, Александар Чеферин.

Тој додаде дека протоколот за враќање во игра го направи професионалниот фудбал една од најбезбедните средини во светот.

„Неверојатно е достигнување да можеме да играме повеќе од 97% од натпреварите според распоредот“, додал Чеферин.

УЕФА посочи дека имало во просек 53,9 тестови по тим, по натпревар, а помалку од половина од позитивните резултати биле на играчи, додека другата половина се однесувала на другите членови на тимските делегации и службени лица на натпреварите.