По саботното 11. коло во ВМФЛ – ИСТОК, промена на табелата. Сега Брегалница е лидер откако славеше на гостувањето кај Плачковица со 3:1 а Тиквеш пак се “сопна“ во Гевгелија кај Кожуф играјќи 1:1. Па така „сините“ сега имаат два бода повеќе од кавадарчани кои паднаа на втората позиција и сега ќе мораат тие да ја “бркаат“ Брегалница.

Секако дека има уште многу да се игра, но претстојните две кола се шанса за момците на Марјан Секуловски, кој имаше одлично деби на клупата на штипјани, таа разлика во однос на ривалот да ја направат уште поголема. Имено на 21 ноември, во следното коло, Брегалница игра дома со Кожуф, додека Тиквеш пак игра дома со Кит Го. Дури потоа следува супер – дербито на истокот. Се игра на 28 ноември и тоа во Штип, во кое се среќаваат Брегалница и Тиквеш. Со евентуален триумф на тој меч момците на Секуловски ќе направат опиплива бодовна разлика, и тогаш секако дека полесно ќе се дише во редовите на штипскиот клуб, кој е под голем притисок дека оваа сезона мора да ја заврши на првото место.

Така барем се прикажува, но реално сега Тиквеш е под притисок, тој не смее веќе да губи бодови и ќе мора во дербито на истокот да оди на победа по секоја цена. А и треба да го прескокне викендов добриот тим на Кит Го.