Репрезентацијата на Бразил го победи Уругвај со 2:0 во гости и со тоа ја заокружи четвртата победа во исто толку натпревари во јужноамериканските квалификации за СП 2022 година. Тоа е најдобриот старт на „селесао“ на светски квалификации во последните 50 години. За последен пат Бразилците победиле на првите четири меча во квалификациите пред СП 1970, кога во составот го имаа Пеле и тогаш успеаја да добијат шест квалификациски средби по ред.

Уругвајците и без „позитивниот“ Луис Суарез имаа добар старт кога Дарвин Нунес ја затресе пречката од голот на Бразилците, но постепено гостите ја преземаа иницијативата и веќе по пол час Артур се запиша во стрелците по точен удар од работ на шеснаесетникот.

Пред паузата Бразил го даде и вториот гол, Ришарлисон со глава го „матира“ уругвајскиот голман по центаршут на Ренан Лоди. Во вториот дел Бразил имаше уште неколку шанси за повисок резултат, а Уругвајците во немоќ почнаа со груби прекршоци да ги оневозможуваат гостинските играчи. Во 71 минута на Кавани му беше покажан црвен картон.

Бразил има 12 бодови по четири меча во групата, а Уругвај е на петото место со 6 бода.

Standings provided by SofaScore LiveScore