Ѕвездата на ММА борбите, Ирецот Конор Мек Грегор ќе се врати во октагонот на 23 јануари следната година во борбата на УФЦ против Американецот Дастин Поарие.

„Благодарен сум што сум близу да се вратам и да можам повторно да го работам она што го сакам“, изјави Мек Грегор за својата официјална веб-страница.

Договорот е потпишан и борбата треба да се одржи во Абу Даби. Тоа ќе биде реванш, откако во првиот натпревар во 2014 година Конор славеше со технички нокаут во првата рунда.

„Се радувам на нов предизвик и нова борба против Дастин“, додаде 32-годишниот борец. Последната борба Мек Грегор ја имаше во јануари против Доналд Керорон, кого го победи по само 40 секунди.