Поранешниот италијански репрезентативец Џампаоло Пацини објави крај на фудбалската кариера. 36-годишниот фудбалер во текот на кариерата играше за бројни италијански клубот, а кратко беше и во странство, па остави силен белег на Апенините и во светскиот фудбал.

Играше за Аталанта, Фиорентина, Сампдорија, Интер, Милан, Верона и за шпанскиот Леванте, а тој е и првиот фудбалер кој дал гол на новиот „Вембли“ како член на Италија У21 во 2007 година.

Пацини со писмо се прости од фудбалот.

Драго Калчо, ти велам ЧАО. Поминаа преку 30 години откако се сретнавме… Бев дете кога првпат ја кренав топката во рацете и од тогаш ми стана неразделен другар. Бев дете со илјада соништа, со надеж дека ќе станам фудбалер во Серија А.

Гледав многу шампиони на телевизија и сонував да го облечам дресот на репрезентацијата, да ја почувствувам магијата на полни стадиони и на Лигата на шампионите. Кога почнував не мислев дека тоа ќе стане реалност и благодарение на тебе живеам со многу емоции.

Како растев така ги исполнував соновите – еден по еден. На крајот си реков: ’Па ова излезе и подобро одошто замислував’. Можев да продолжам уште малку, детете во мене сакаше да играм уште, но возрасниот во мене вели дека е време да се остави професионалниот фудбал. Ова беше луда авантура.

Ти благодарам за се“, напиша Пацини.