Македонската кошаркарска репрезентација уште денеска ќе биде во Скопје. Утре Александар Тодоров и неговите избраници ќе заминат за Талин каде ќе се приклучат нашите странци. Војдан Стојановски и Џејкоб Вајли се сигурни, се чека потврда за здравствената состојба на Ненад Димитријевиќ.

Во меѓувреме овие денови „црвено-жолтите“ се подготвуваат во еден поинаков состав. Главната тактика ќе биде скроена дури во Талин кога ќе бидеме комплетни. Љубомир Младеновски е еден од оние кошаркари кои ќе биде задолжен за дуелите под обрачите, тој вели дека ќе имаат доволно време да се воиграат пред квалификациските пресметки со Естонија и Италија.

„Малку е тешка ситуацијата поради  вирусот, со оние тестирања, со заболени, моменти во кои не се знае ништо, ни кој ќе патува, во кој состав ќе бидеме во Талин. Овие неколку дена ќе тренираме тука, во Скопје. Во понеделник патуваме за Естонија. Позитивно е тоа што ќе бидеме неколку дена порано во Талин. И се надевам дека ќе имаме доволно време да се воиграме со новиот Американец и со Војдан. И со нив заедно во тимот да одиме на двоцифрена победа против Естонија“, вели Младеновски.

На првата средба во Скопје, Македонија беше совладана токму од Естонија, па реваншот ќе биде од големо значење, мора да се добие за да патот кон ЕП се отвори, во спротивно шансите ќе бидат минимални.

„За Естонија знам повеќе, затоа што веќе игравме еден натпревар дома. Немаат некоја висока екипа, и играат доста брза кошарка. Тоа во овој момент можеби и ќе ни одговара, затоа што имаме дефицит на високите позиции. За средбата со Италија, немам некои детални информации. Знам дека резултатот им е во ‘втор план’. Дека играат со подмладен состав и дека покрај тоа, исто така биле квалитетни. Иако првиот натпревар ни е со Италија, лично мислам дека нашиот фокус треба да го поставиме на втората средба, со Естонија. За да се сконцентрираме на него, и да победиме со двоцифрена предност, и за да ни остават ‘живи’ шансите за пласман на Европското првенство“.