Одбојкарките на Вардар продолжуваат со беспрекорните изданија во домашниот шампионат. Денеска во меч од 6. коло, „вардарки“ ја забележаа шестата победа.

„Црвено-црните“ во Скопје го пречекаа тимот на УГД Штип, триумфирајќи со максимални 3-0 и останувајќи без загубен сет оваа сезона. Првиот сет Вардар го доби со икмпресивни 25-9, по што следуваа млаку понеизвесни втор и трет сет во кој гостинките од Штип дадоа посериозен отпор. Вториот сет Вардар го доби со 25-21, а третиот со 25-20.

Одличните игри во домашното првенство се увертира за настапот во Челинџ-купот на ЦЕВ. Вардар без борба го мина првото коло поради откажување на финскиот претставник, а ЦЕВ сега реши да организира „балон“ во Капошвар, Унгарија, каде „црвено-црните“ на 9 декември ќе се сретнат во еден меч со Нитра од Словачка.