Т. Пролет не му дозволи на Голден Арт КЛ7 да дојде до нов триумф во мешусебните пресметки, на домашен терен го совлада дебитантот со 23-20 и влезе во победнички ритам за зацврстување на второто место на табелата во групата А.

Домашните ракометари за нијанса беа подобри, го држеа ритамот, на одморот имаат минимална предност од 12-11. Избраниците на Андон Бошковски не се предаваа, беа на негатива од два до три гола, но немаа сили за пресврт. На крајот го запишаа четвртиот пораз.

Мајнов со шест гола го предводеше својот тим, по четири имаа Пејовиќ и Аларов, кај гостите Ѓорговски имаше шест погодоци.

Во групата се одиграа уште две средби, Струга и Охрид беа сигурни против Астрион и Радовиш. Стружани славеа со 32-27 за четврта победа, додека пак охриѓани на гости кај Радовиш славеа со 28-22 за осми триумф и задржување на лидерската позиција.

Металург дојде до шестата победа сезонава, откако на домашен терен ја оправда фаворитската улога против Прилеп. Тимот од Автокоманда славеше со убедливи 38-24 во меч од 9. коло во Супер-лигата.

Победедникот на оваа средба беше познат по првото полувреме, гостите беа рамноправен противник до пред крајот на овој дел, кога искусниот состав дојде до водство од 20-15. По одморот „металурзите“ продолжија во ист ритам, дојдоа на двоцифрени 28-18 и ги решија сите дилеми.

Серафимов имаше шест погодоци, додека Хорват, Лазаревски и Кондев запишаа еден помалку, кај Прилеп, Гавашелишвил имаше шест гола.

Во истата група Б, Работнички дојде до третата победа на сметка на Е.Пелистер 2 совладувајќи го со 28-23.