Шкендија остана непобедлива и по 13. коло, остана и на чело на табелата. Сепак денеска беше најблиску до пораз, и тоа кај одличниот состав на Струга Трим Лум, кој ја имаше победата в џеб се до 77.минута кога Бесарт Ибраими ги спаси тетовските “црвено – црни“. Сепак ако сакаме да бидеме реални треба да се каже дека тие 1:1 се најреален исход на овој натпревар. Натпревар кој изобилуваше со многу жестина на теренот, машка борба, потоа опомени или жолти картони на двата тренери Захариевски и Ѓока. Имаше и мала нервоза и турканица во 82.минута по дуелот меѓу Мециновиќ и Ес Саххал.

РИСТЕВСКИ РАНО ГИ “ТРЕСЕ“ ТЕТОВЦИ

Се играше 12.минута кога Струга Трим Лум го отвори резултатот, дојде во водство и тоа со голот на стоперот Ристевски. Шабани претходно продре по левата страна, нафрли пред голот на гостите, потоа таа топка дојде до Ристевски која беше сам на втората статива на гостите и успеа со глава да постигне гол. Голема радост за стружани, кои имаа намера да го сочуваат ова водство до крајот. По тој гол на Шкендија и требаше малку време да се соземе за да потоа тргне во целосна офанзива која траеше се до крајот на мечот. Струга ТЛ умешно се бранеше, мудри ги одбиваше сите атаци кон својот гол за да од контри се обидуваше да дојде до 2:0. Во 43. минута Алими имаше супер шанса, но млако шутираше. Во 66.минита Бесарт Ибраими се закани, но за малку таа топка топка отиде покрај левиот дирек на Струга ТЛ. И во 77. минута кончно гол за Бесарт. Топката се одби од рамките на голотм, на неа натрча најдобриот стрелец во историјата на ПМФЛ и пожртвувано релаизираше, притоа се удри од стативата.

На крај се покажа дека тие 1:1 беа и конечни. Да, Струга Трим Лум може да жали зошто малку недостигаше да ја победи и натаму непобедливата Шкендија.

СТРУГА ТЛ – ШКЕНДИЈА 1:1 (1:0)

Градски стадион во Струга. Гледачи: /. Судија: Игор Стојчевски (Скопје). Стрелци: Ристевски 12. (СТР), Ибраими 77. (ШКЕ). Ж. Картони: Касами, Ристевски, Шабани, Мирселовски (СТР), Павич, Дита, Кривак, Незири, Тотре (ШКЕ).

Играч на натпреварот: Бесарт Ибраими (ШКЕ).

СТРУГА ТЛ: Мирселовски, Ристевски, Шеји (46. Миленковски), Цаке, Јахја, Таири (81. Османи), Алтипармаковски (59. Скендери), Шабани (59. Мазари), Касами, Шабани, Мециновиќ.

ШКЕНДИЈА: Захов, Павич, Алими, Ибраими, Тотре, Елези (76. Ес Саххал), Мурати, Дита, Кривак, Нафиу (60. Дориев), Незири.