Е.Пелистер утре во Љубљана ќе се сретне со Тримо Требње во меч од петото коло од Европската лига. Битолчани денеска тргнаа кон Словенија, а за оваа средба тренерот Жељко Бабиќ нема да смета на Граџан, Ѓукиќ и Кукуловски.

Стратегот на Е.Пелистер вели дека за противник имаат уште еден силен тим, но од друга страна се радуваш што полека влегуваат во победнички ритам.

„Верувам дека во ова натпреварување нема фаворити, посебно што многу екипи имаа проблеми со Ковид-19. Видовме дека Тримо Требње ја победи Татабања, иако унгарскиот тим беше фаворит. Мислам дека улогата на фаворит не треба ни да се спомнува. Важно ни е што се враќаме во натпреварувачки ритам, ова ни е трет натпревар во низа, имаме интензитет на тренинзите, играчите се поспремни од пред 10-15 дена и очекувам добра презентација на нашиот тим.

Од мој тренерски агол можам да кажам дека Урош Зорман врши одлична работа. Одличен тренер е и тоа е видливо на секој чекор. Екипата е дисциплинирана, страотно брза, казнува од транзиција, добро играат еден на еден и со пивотмен. Тимот е одлично селекциониран и добро воден од тренерот Зорман“, Жељко Бабиќ.

Натпревар се игра со почеток во 20:45 часот.