Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вардар и дефинитивно оваа есен покажува, веројатно ова важи само во мак – фудбалот, дека парите не играат никаква улога. Место да се бори за опстанок, тимот на Александар Васоски просто си “гази“. По трите бода во Велес, ете во саботата совладана беше и Академија Пандев, па така сега Вардар со нови шест бода е на чекор до битка за оние места кои водат во Европа. Без пари, со проблеми од секаков вид. Фасцинантно. Само до кога ќе се издржи?

Шкендија уште е прва, но влезе во реми – серија. Пред неколку кола имаше убава предност од пет бода, но кога нема бодови предноста се топи.  Да, Шкендија засега е непобедлива, но од 13 меча со седум победи и шест ремија. Премногу мечеви на кои тетовци освоија по бод. Уште поважно е што вчера Шкендија малку недостигаше да го згуби лидерството. Не само што се спаси од првиот пораз и тоа во Струга во 77.минута, туку имаше среќа да “лавовите“ не реализираа 3-4 зицери во скопското дерби со Шкупи. Ќе беше после од “играчка – плачка“ за Шкендија кога ќе ја видеа Македонија ЃП пред себе на табелата. Очигледно Шкендија влезе во мала криза, се спасува од пораз само поради индивидуалните квалитети на своите поединци. А не поради играта на тимот или квалитетите на тренерот.

РАБОТНИЧКИ ПО СТАРО, ОСМАНИ ТРГНА СО ПОБЕДА

Не вреди веќе да се коментира што се случува со Работнички. Повторно реми, повторно…, рековме дека не вреди да се коментира. Затоа пак насмевки во Ренова. Старо – новиот тренер Ќатип Османи тргна со победа. Не дека Ренова одигра којзнае колку спектакуларно против Борец, но тоа е најмалку важно. Селмани во 90.минута погоди за 1:0, за големи три бода.Во Битола, во Пелистер и дефинитивно некои работи се разјаснија. Очигледно е дека таму треба промени. Вака веќе не оди. Пелистер сезонава ја почна сосема солидно, но влезе во лоша серија од која не може да искочи. Јасно е дека таму нешто не “штима“. Ако на свој терен, губиш на оној начин како што вчера пелистерци загубија од еден Силекс, кој исто е во лоша форма, значи нешто не е во ред. Дебело не е во ред. И имаат право фановите да се бунат.

Нема многу да чекаме на новите возбудувања. Веќе во среда на програмата е новото коло. Дербито се игра во Тетово каде првата Шкендија ја дочекува втората Македонија ЃП. Веројатно е дека овој меч ќе го даде прашањето околу тоа кој ќе биде есенски првак.