Поранешниот селектор на аргентинската фудбалска репрезентација,  Алехандро Сабеља (66) е итно хоспитализиран на клиника во областа Белграно во Буенос Аирес. Тој бил примен во болница минатата среда, но кога се чинело дека работите се подобруваат, неговото здравје се влошило, јавија аргентинските медиуми.

Сабеља моментално е во Кардиоваскуларниот институт во Буенос Аирес, каде што беше донесен поради задржување на течности во телото, и беше задржан на дополнителни тестови. Според TyC Sports, неговото здравје се подобруваше во последните неколку дена, но тој за жал фатил болничка инфекција што предизвикала срцева слабост, со која има проблеми уште од Светското првенство во 2014 година.

Легендарниот играч за врска Хуан Себастијан Верон  (45) испрати порака за поддршка до поранешниот селектор. Тој објави слика на Инстаграм додека обајцата ги бранеа боите на аргентинскиот Естудијантес, Сабеља на клупата, тој на теренот. Сабеља ја водеше репрезентацијата на Аргентина од август 2011 година до крајот на Светското првенство во Бразил во 2014 година кога за влакно остана без светската круна.