Се поверојатно е дека првиот тениски Грен слем турнир за 2021 година Австралија опен во Мелбурн, ќе се одржи во феваруари, а не во јануари како што беше пракса до сега. Според информациите кои пристигнуваат, терминот од 8 до 21 февруари 2021 година е оној кој е најверојатен за настанот, а на играчите ќе им биде дозволено да тренираат надвор од хотелските соби, објавија австралиските медиуми.

Засега нема официјална потврда за промената на датумот според кој Австралија Опен треба да се одржи од 18 до 31 јануари 2021 година.

Австралиската држава Викторија веќе еден месец нема ниту еден случај на нов заразен со коронавирус, а државните службеници потврдија во преговорите со претставниците на тениската федерација дека сите играчи ќе мора да поминат низ процес на изолација пред да се појават на Австралија опен.

Според извештаите на медиумите, извршниот директор на Австралиската тениска асоцијација, Крег Тили, преку порака испратена до играчите по електронска пошта, потврдил дека претставниците на властите во Викторија дозволиле тренинг за време на 14-дневниот процес на изолација.

„Требаше малку подолго, но одличната вест е дека веројатно ќе можеме да го одржиме Австралија опен од 8 февруари. Од 15 јануари играчите ќе мора да бидат изолирани 14 дена, но владата на Викторија се согласи дека тоа е за оние кои учествуваат во Австралија им треба посебен статус затоа што мораат да се подготват за Грен слемот “, беше цитиран Тили во насловите на медиумите.

Австралиската тениска федерација соопшти дека се уште чекаат потврда на сите детали и одобрување од властите на Викторија, а премиерот на оваа сојузна држава Даниел Ендрус изјави дека деталите за постапката во врска со одржувањето на Австралија опен се во завршна фаза.