Неверојатен кам-бек приреди репрезентацијата на Србија на вечерашниот дуел со светскиот шампион Холандија и од негатива од 6 гола во првото полувреме се врати за победа од 29:25 во првиот меч и за двете репрезентации во рамките на групата „Ц“ на Европското првенство во Данска.

Србинките ги надминаа сите пехови, па и повредата на Андреа Лекиќ по која останаа без својата најдобра ракометарка, но имаа и сили и желба да дојдат до голем пресврт совладувајќи го светскиот шампион со неверојатен кам-бек во вториот дел кој го добија со 20:10 и ја понижија противничката селекција која не знаеше како да се справи со фуриозната српска селекција.

Десното крило Катарина Крпеж брилјираше со 12 голови, а одлична партија имаа и Стоиљковиќ и Јањушевиќ со по три.

Во последниот дуел вечерва, Шпанките успеаја во звршницата да се изборат за првиот бод. Тие во вториот меч во групата ремизираа со Шведска 23:23 и не дозволија Швеѓанките да ја прослават и втората победа.