Европската фудбалска федерација (УЕФА) има план од 2024 година да направи промени во Лигата на шампионите. Англиските медиуми дојдоа до информации за какви промени се работи во елитното клупско натпреварување, а се спрема поинаков формат со цел да се спречи формирањето на новата европска Суперлига која би ја сочинувале најголемите и најбогатите тимови на Стариот континент и која практично би ја „згазила“ Лигата на шампионите.

Групната фаза ќе биде укината, а во лигата ќе играат 36 тимови од кои шест од англиската Премиер лига. Секој клуб ќе одигра по швајцарски систем по 10 натпревари, а потоа осумте првопласирани ќе одат директно во осминафиналето, а оние од 9. до 24. место ќе одиграат пред-елиминациска фаза за пласман во осминафиналето, а потоа следува завршната борба за трофејот.

На овој начин ЛШ практично би се затворила уште повеќе за помалите екипи, додека на богатите клубови ќе им се овозможи уште поголема заработувачка од ТВ правата и бонуси од УЕФА.