Шкендија не остави ништо на случајот. Си победи во Струмица со 1:0 против Академија Пандев, па така сега и официјално е есенски првак и таму некаде до крајот на февруари ќе се перчи со првото место на табелата. Тетовци не блескаа, но затоа блескаше мега – талентот Дашмир Елези кој со 16 години и неполн месец, во својот пети меч го постигна третиот гол. Се играше 53.минута кога Незири од десно убаво нафрли а Елези уште поубаво стрелаше за победа, за три бода за Шкендија.

Браво за малиот Дашмир. Тоа е новото фудбалско чудо на Шкендија.

Академија Пандев одигра храбро, посакуваше барем бод на свој терен, но сепак на крајот не успеа. Првата закана ја имаше Алими на овој меч, но неговиот шут од слободен удар заврши високо над голот. Во 30.минута Радески за малку ќе ја “смрзнеше“ Шкендија, својот довчерашен клуб, но неговиот удар со глава голманот на тетовци, Захов прекрасно го одбрани.

Веќе ја опишавме акцијата на Незири и голот на Елези за водство и победа на тетовци. До крајот се играше малку понервозно, посебно треба да се одбележи моментот во 86.минута кога во клинч беа Сашко Пандев и Егзон Бејтулаи, но се се заврши спортски, и двајцата се прегрнаа, така прават големите спортисти.

А.ПАНДЕВ – ШКЕНДИЈА 0:1 (0:0)

Спортски центар “Пандев“ во Струмица. Гледачи:/. Судија:Александар Грујоски (Кичево). Стрелци: Елези 53. (ШКЕ). Ж. Картони: Николов, Стоилов, Пандев, Велиновски (А.ПАН), Елези, Алими, Павич, Бејтулаи (ШКЕ).

Играч на натпревар: Дашмир Елези (Шкендија).

А.ПАНДЕВ: Алчевски, Јованов (70. С. Пандев),Димов, Илиев (81. Велиновски), Николов, Стоилов, Миловановиќ (70. Трапановски), Радески, Крстовски, Димоски, Серафимов.

ШКЕНДИЈА: Захов, Павич, Бејтулаи, Алими, Ибраими (90. Ес Саххал), Елези (63. Нафиу), Дориев (90. Дориев), Зејнулаи (90. Мерџани), Дита, Кривак, Незири.