Машката сениорска одбојкарска репрезентација на Македонија, денеска го имаше и официјалниот собир пред јануарските квалификации за Европското првенство 2012 година. Со карактеристичната скромност, нашите одбојкарски репрезентативци и стручниот штаб посакаа повторно да ги заслужат почестите од Љубљана од првото учество на континенталниот собир.

За нов пласман на европскиот шампионат, Македонија мора да ја мине групата со подоброрангираната Турција и со Босна и Херцеговина, против која планираме два максимални триумфа. Олеснителна околност е што Данците се откажаа, па сите квалификациски натпревари ќе бидат одиграни во Скопје, во арената “Борис Трајковски” од 11 до 16 јануари.

Во меѓувреме, македонските одбојкари ќе имаат и четир контролни дуели против Бугарија – репрезентација од првиот светски одбојкарски ешалон. Првите дуели се закажани на 29 и на 30 декември кај нас, а на 6 и 7 јануари ќе се одиграат два возвратни меча во Софија.

На почетокот на подготовките, селекторот Матијашевиќ ќе работи со играчи од домашното првенство, а интернационалците Никола Ѓорѓиев, Ѓорѓи Ѓорѓиев, Александар Љафтов и Филип Деспотовски, ќе се приклучат откако ќе завршат со клупските обврски. Блокерот Филип Маџунков засега е повреден, но ќе биде подготвен за настап.

Квалификации за ЕП 2021 (распоред)

11.јануари: Македонија – Босна и Херцеговина (18.00)

12.јануари: Босна и Херцеговина – Турција (18.00)

13.јануари: Македонија – Турција (18.00)

14.јануари: Македонија – Босна и Херцеговина (18.00)

15.јануари: Турција – Босна и Херцеговина (18.00)

16.јануари: Македонија – Турција (18.00)