Тетовските “црвено – црни“ на коло пред крајот на полусезоната ставија печат. Без разлика на исходите од денешните мечеви во последното есенско коло или 18. во тековниот шампионат, тие ќе презимат како есенски шампиони. Дилемата е само со колкава бодовна разлика, сега таа е шест. Желбата на тетовци е таа да остане во најлош случај.

Денеска под Шара за крај на годината гостува Пелистер, еден од “пациентите“ на Шкендија во последно време. И така е ако се знае дека на последните единаесет првенствени мечеви, тетовци победиле на сите. Само така може да се објасни ако се знае дека на последните седум, тука го сметаме и финалето од Купот во Струмица, Шкендија има седум победи со неверојатна гол разлика од 25:2, или речиси во просек му давала на битолскиот тим по речиси 4 гола по меч.

Значи време е за нова голеада, а кога ги имаш во нападот Ибраими, Дориев, Елези, Нафиу, а тука се и Алими и Тотре во средниот ред, може да очекуваш нова убедлива победа на својот тим, па така и во Шкендија.

Шкендија има императив да остане непоразена и во последното есенско коло, па така со стил да ја заврши полусезоната.

Во тимот на Ернест Ѓока поради повреда ќе ги нема Ахмеди и Мурати, додека Тотре се враќа меѓу стартерите.