Селекторот на Македонската репрезентација до 21. година, Благоја Милевски за официјалниот сајт на фудбалската федерација на Македонија, даде новогодишно интервју во кое се осврнува на повеќе теми и прашања кои во моментов го засегаат домашниот и пред се репрезентативен фудбал.

Тука пред се се мисли на селекторското место на А репрезентацијата кое во моментов е топ тема во домашната јавност и кое  очигледно дека поведува многу полемики.
На прашањето кое самото по себе се поставува, а кое гласи кога со У21 репрезентацијата ќе се постигнат такви успеси, кога ќе се стигне на еден европски шампионат, и кога во квалификациски циклус ќе се избори второ место нормално е да се очекува следниот чекор да биде скалило погоре, а тоа е селекторската функција во А репрезентацијата, Милевски директно како и секогапш одговори.

„Во период кога се вратив од Израел и ја преземав по втор пат репрезентацијата на Македонија до 21. година иако имав понуди и од клупскиот и од репрезентативниот фудбал, сепак сметав дека нашата млада репрезентација е единствениот колектив кој можам да го водам онака како што сакам, односно на правилен начин. Сите добро знаат дека јас импровизации не трпам, не сум човек кој што во моментов би се нафатил на такво нешто. Особено, што тоа се случи во период кога обавив конструктивен разговор со раководните структури на ФФМ. А во тој период реално не ми беше понудено да бидам А селектор. Но ниту тогаш ниту сега јас не кријам дека сакам да ја водам А репрезентацијата на Македонија. Не само за мене, туку и за секој фудбалски стручњак престиж е да се биде селектор на својата земја.

Познавајќи ја визијата и стручноста и професионалноста на ова раководство на ФФМ, верувам дека со оглед на тоа што и мојот актуелен договор со младата репрезентација ми завршува во месец фебруари, ќе се донесе правилната одлука по ова прашање. Можеби звучи нескромно, но јас лично секогаш разговарам за моите планови и амбиции директно и без влакна на јазик. Лично секогаш сум отворен со моите работодавачи во конкретниов случај ФФМ околу моите визии, и начинот на работа, и оваа прилика ја користам да се заблагодарам за се она што федерацијата овозможи периодов за нас.

Од услови за работа, преку тренажен процес, најдобри сместувачки капацитети каде и да одиме, а сето тоа поткрепено со чартер летови на сите гостувања. Нешто што не било пракса никогаш за У21. Ова се стандарди кои се поставени, и кои мислам дека ќе се користат и во иднина. Конечно, изборот не зависи од мене, јас сум тука, моите резултати се добро познати, а времето ќе покаже што ќе се случува понатаму“ – изјави Благоја Милевски за официјалниот сајт на ФФМ.